Германците иако први го вовеле летното сметање на времето, сега се најрасположени на Стариот континент за укинување на системот на промена на показалките на часовникот два пати годишно, додека пак Италијаните и натаму најмногу сакаат да „уживаат“ во придобивките од подолга сончева светлина налето, и порано разденување назиме.
На европските анкети, северните нации ја поддржуваат идејата за воспоставување на единствено стандардно време, додека пак јужните нации немаат позитивно изјаснување на мнозинството граѓани за укинување на летното и зимското сметање на времето.
Ниту во земји како Шпанија и Франција не постои јасно изразена желба кај граѓаните да се укине промената на времето, додека пак над половина од граѓаните на Шведска (58%) и Данска (56%) сакаат да се укине летното и зимско сметање на времето.
Голем дел од земјите во Европа, вклучувајќи ги земјите од регионот како Северна Македонија, кои се кандидати за членство во ЕУ ќе чекаат одлука на централно европско ниво, пред да направат промени во домашното сметање на времето.
Затоа и натаму не постои единствена европска политика која ќе го регулира зимскиот и летниот часовник, иако Европскиот парламент првично заговараше 2021 година да биде нулта година, од која поточно ќе престане да се поместуваат показалките на часовникот.
Доколку се прифати укинување на двократното менување на часовникот, како стандардно време ќе биде задржано летното сметање на времето.
Меѓу земјите кои ќе се свртат на летното сметање на времето е и Северна Македонија. Граѓаните ноќта, меѓу сабота (25 март) и недела (26 март) во два часот по полноќ, часовниците ќе ги поместат еден час напред, односно времето во два ќе се смета како три часот.
Од поширокиот европски регион, единствено Туркије, Русија, Белорусија и Исланд повеќе не се раководат според зимско и летно сметање на времето и не ги поместуваат два пати во годината своите часовници.
Европа стравува од неусогласеност
Промените на континентот по Брегзит, пандемијата со Ковид-19, економската криза, како и окупираноста со војната во Украина, може одлуката на европските парламентарци, да ја одложат на неодредено.
Европските политичари стравуваат од административен и економски хаос ако настане разногласие меѓу земјите членки и земјите кандидати или партнери. Го посочуваат примерот на островот Ирска. Ако северниот дел кој е дел од Британија го задржи летното и зимското сметање, тогаш јужниот дел со Република Ирска како членка на ЕУ ќе има сосема различно време.
Брегзит и корона-кризата ќе ја одложат дебатата за некое догледно време, а дотогаш не заборавајте да ги поместите показалките на 26 март еден час нанапред.
Извор: ТРТ БАЛКАН