Кој е поздрав: Постарите жители на градовите или оние на село?

Дали постарите жители на градовите имаат подобро или полошо здравје од оние кои живеат на село? Иако селскиот живот се смета како симбол на здравјето поради мирот и тишината наспроти животот во таканаречените „урбани џунгли“, сепак неодамна спроведеното истражување на Евростат дојде до интересни и до некаде неочекувани резултати.

Поголем процент на жителите на земјите од ЕУ, кои живеат во градовите, ја оцениле својата здравствена состојба како добра или многу добра, наспроти помалиот процент на жители на селата кои сметаат дека имаат добро здравје. На ниво на ЕУ, 43 отсто од жителите на градовите, кои имаат над 65 години, рекле дека имаат добра здравствена состојба, наспроти 37,3 отсто од оние кои живеат во селата. Овде мора да се напомене дека станува збор за лична перцепција на анкетираните.

Според податоците на Евростат, во осум членки на ЕУ над 50 отсто од луѓето, на возраст од 65 и постари кои живеат во градови, рекле дека имаат добра или многу добра здравствена состојба. Највисок процент е забележан во Ирска (66%), Шведска (64%) и Белгија (60%). Од друга страна, најнизок е процентот на постари жители на градовите кои рекле дека имаат добро здравје во Литванија (11%), Латвија (15%) и Португалија (21%).

Меѓу земјите на ЕУ, најголемата разлика во процентот на постари луѓе кои живеат во градови кои пријавиле добра или многу добра здравствена состојба во споредба со националниот просек е забележана во Словенија. Според Евростат, во оваа земја дури 7 отсто од оние кои живеат во град рекле дека имаат подобро здравје, наспроти националниот просек на иста возраст, а потоа следат Бугарија и Хрватска со 5 отсто повеќе.

Од друга страна пак во Луксембург, Холандија и Франција е обратно односно процентот на луѓе на возраст од 65 и повеќе години што пријавиле добар или многу добар здравствен статус бил помал во градовите отколку на национално ниво.

живот