Со одлуката која е во сила една година рокот за поднесување жалба до Европскиот суд се скуси од шест месеци на четири месеци од конечната одлука на домашните судови.
Граѓаните од земјите од регионот го користат правото на жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако ќе се исцрпат сите правни механизми пред правосудните органи во земјите. Судот во Стразбур има донесено бројни одлуки во корист на подносителите во кои била констатирана повреда на основните права. ТРТ Балкан анализираше кој и зошто може да поднесе тужба против државата пред судот во Стразбур.
Со најновата одлука која стапи на сила на 1 февруари 2022 година, рокот за поднесување жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур се скуси од шест месеци на четири месеци од конечната одлука на домашните судови. Подносителите на тужба против државата ќе мора да го почитуваат новиот рок за поднесување барања бидејќи во спротивно тие нема да бидат разгледувани.
Промената се однесува на 830 милиони жители од 47 држави членки на Советот на Европа, потписнички на Европската конвенција за човекови права. Таа беше усвоена на 1 август 2021 година, но беше оставен преоден период од шест месеци.
Европскиот суд за човекови права е меѓународен суд основан во 1959 година. Одлучува по барања кои се однесуваат на повреда на правата содржани во Конвенцијата. Секоја година до него стигнуваат 50.000 барања за одлучувања по повреда на човековите права.
Како функционира Судот и кој може да поднесе жалба?
Поединец, група на луѓе или меѓународни организации можат да поднесат жалба до судот во Стразбур. Пред овој суд и една држава потписник на Конвенцијата може да поднесе жалба против друга држава која исто така ја има ратификувано Конвенцијата. Сепак, најголем дел од жалбите се поднесени од поединци.
Секој поединец на интернет страницата на судот може да ја пополни апликацијата и да ги испрати неопходните документи за предметот. Сепак тоа не гарантира дека судот ќе смета дека има основ жалбата да се разгледува.
Жалбата не повлекува финансиски трошоци
На интернет страницата на судот во делот за најчесто поставувани прашања е наведено дека поднесување жалба од страна на поединец, група или компанија не значи дека тие ќе бидат изложени на финансиски трошоци. Оваа постапка е бесплатна. На подносителот жалбата на почетокот не му е потребен адвокат. Ситуацијата околу неопходната правна помош се менува ако судот смета дека и државата против која се однесува жалбата треба да ги изнесе своите позиции пред Судот. Но и во таа ситуација судот може да му понуди правна помош на подносителот.
Кога може да се поднесе жалба до Стразбур?
Жалбата до судот во Стразбур е можна само во ситуација кога се исцрпени сите правни механизми во матичната држава на подносителот. Односно кога предметот бил разгледан и од највисокиот суд во државата. На оној кој ја поднесува жалбата мора лично да му биле повредени правата предвидени со конвенцијата.
Колку долго трае постапката?
Нема утврдена пракса за времето во кое овој суд ги носи одлуките по жалбите. Судот се труди секој предмет да биде решен за максимум три месеци, но некои бараат и повеќе време. Одлуката на Судот за човекови права станува извршна по истекот на два месеци предвидени за жалба на неговата одлука.
Жалбата може да биде поднесена до Големиот судски совет. Судиите од Големиот судски совет ја разгледуваат жалбата и ако сметаат дека е неопходно расправаат за неа. Нивната одлука е конечна.
Пресуди против земјите од регионот
Во последнитe две години против Северна Македонија во Судот во Стразбур биле поднесени 541 жалба. Од нив биле донеени пресуди за само 16 предмети. Во 2021 година шест и во 2022 година десет. Во 2021 од шесте пресуди кај пет случаи било утврдено прекршување на барем едно право од Европската Конвенција за човекови права.
Од Србија во Судот во 2022 стигнале 3.289 предмети. Одлучувано е по 31 предмет, 3.093 се одбиени, а 738 се вратени на српската влада. Донесени се 12 пресуди против Србија, од кои во 10 предмети е утврдено прекршување барем на едно право.
Што се однесува до Босна и Херцеговина , Судот во 2021 и 2022 година разгледувал 1.162 предмети против оваа држава. Во 2021 година, 529 предмети биле одбиени. Од останатите 60 по кои било одлучувано, во 14 било утврдено прекршување на човековите права. Во 2022 годија до јули било одлучувано по седум предмети.
Во случајот на Албанија во 2021 Судот во 2021 разгледувал 224 предмети против оваа земја. 220 од нив биле отфрлени. Од останатите четири за три била донесени три пресуди од кои во две е констатирано повреда на човековите права. Во 2022 од 46 предмети против Албанија биле донесени пресуди во само три предмети.
Во предметите во однос на Црна Гора од 2009 година до Јануари 2022 година биле донесени 66 пресуди. Од кои во 62 било утврдено прекршување на човековите права.
TRT Balkan