Балканските земји се во рамки на европскиот просек со можноста за искористување до трисетина дена платени неработни денови (празници + одмор) во текот на годината.
Кумулативно земено на првото место според неработни денови, за кои вработените не трпат кратење на платата, е Албанија со 34 денови за одморање, додека пак Северна Македонија е втора на листата со вкупно 32 платени неработни денови. Следат Србија и Косово со по 31 ден, Босна и Херцеговина со 30 и Црна Гора со 28 денови.
Европски рекордери се кнежевствата Сан Марино, Андора и Монако со над 40 платени слободни денови.
Најмал просек на платени денови за одмор и платени неработни денови има во Северна Америка, а рекордери со просек од 50 дена за одмор и празници се земјите од Блискиот Исток, пишува ТРТ Балкан.
Социјална правда или празнична сезона
Во земјите каде регулацијата е сведена на минимум, работните односи се директен предмет на преговори меѓу работодавачите и вработените, што најмногу се гледа во разликата според бројот на платени отсуства за одмор во САД и околните земји, и Западна Европа каде социјалната заштита е посилна.
Во игра се и културолошките и религиозните карактеристики за тоа каде работниците добиваат повеќе слободни денови, пред се поврзани со верски и национални празници, како што е пример Балканот и екс-ју земјите.
Во Северна Македонија иако официјално само десетина денови се неработни за сите граѓани, дополнително доаѓаат националните и верските празници на секој народ поединечно во мултиетничкото и мултиконфесионалното општество, па така бројот на празнични денови достигнува дваесетина, несметајќи ги законски гарантираните 20 до 26 дена годишен платен одмор.
Јавни празници за сите граѓани според бројот на неработни денови најмногу од регионот има Албанија со 14 платени слободни денови, во Србија има 11, во Косово исто така 11, во Босна и Херцеговина има 10, а најмалку во Црна Гора со 8 платени празнични денови.
Ирска во оваа категорија е европски рекордер со 18 јавни празници, но не е ни блиску до светскиот рекордер Иран каде дури 27 денови во годината се издвоени за празнични неработни денови кои се платени за вработените.
Во САД иако има 10 јавни празници тие не се задолжителни за приватниот сектор, па така е оставено дискреционо право на работодавачите дали ќе ги ослободат или не вработените, додека празниците се неработни и платени за вработените само во јавниот сектор.
Последици од Ковид-19 пандемијата
Слободното време по пандемијата со Ковид-19 се проценува како најважен фактор за вработените на глобално ниво, како и флексибилните услови на работа. Се проценува дека бројот на депресија и анксиозност кај вработените е зголемен за 25% на глобално ниво.
Од една страна работодавачите се под притисок да понудат подобри работни услови за задржување на работната сила поради глобалните феномени како „тивок отказ“, но и властите се ставени во костец како да ги подобрат работничките права, а притоа да ги заштитат компаниите за да го поддржат економскиот раст.
Предност ќе имаат компаниите кои ќе може да понудат нешто повеќе за привлекување на квалитетен кадар, за што се препорачува поголема флексибилност на регулативата, а и самите поединци, особено тие што може да работат од далечина ќе бираат дестинации каде националните законодавства овозможуваат поголеми бенефиции.