Откако на ABC успешно заврши првата јавна дебата меѓу Доналд Трамп и Камала Харис, се појавија првите резултати од нивното соочување, а според нив чини дека Камала Харис победила.
Меѓу оние кои беа најзафатени во текот на дебатата секако беа аналитичари, статистичари и обложувалници чие влијание, особено при вакви настани, е многу големо.
Пред дебатата, најголемата светска компанија за прогнози Полимаркет му даде на Трамп 53 отсто шанса да победи на изборите.
По завршувањето на дебатата, тој и Харис беа изедначени со 49 отсто шанси за победа.
BetOnline имаше слични трендови. Само неколку минути пред дебатата, шансата Харис да победи на изборите во ноември беше 50,9 отсто. По дебатата, шансите се зголемија на 54,4 отсто.
„Секако се чинеше дека Камала Харис ја контролира вечерашната дебата. Обложувалниците одговорија на тоа“, изјави портпаролот на компанијата Џош Бартон.
По повод дебатата се огласи и статистичарот Нејт Силвер кој напиша дека постои силен консензус дека Харис победила.
„Цените на биткоинот исто така се намалени, што значи загуба за Трамп. Дури и Фокс њуз призна дека Харис победила во оваа дебата. Во брзата анкета на CNN на набљудувачите на дебатата, Харис победи со 63-37. Во просек, победникот во дебатата во оваа анкета води со 18 поени, така што победата на Харис од 26 поени е значително поголема“, рече Силвер.