Кражбите на храна стануваат секојдневие. Вработените посочуваат дека по поскапувањето на храната зачестиле и кражбите. Велат дека најчесто се крадат поскапите производи, но и производи кои се користат секојдневно како кашкавал, путер, сирење, чоколади, па дури и паштети. Во маркетите поскапите производи и оние кои најчесто се крадат веќе стојат кај касите. Така доколку сакате да купите алкохолни пијалаци, парфеми, маслиново масло, нес- кафе, пакувани бадеми, лешници и индиски ореви мора да побарате на каса, бидејќи веќе ги нема на рафтовите.
-Секојдневно се краде. Освен скапи производи се краде и путер, сирење, кашкавал… Ние гледаме, а и камерите регистрираат, но пак се краде. Секојдневно се случува да недостига по некој производ. Порано најчесто се крадеа поскапите производи како парфеми, алкохолни пијалаци, но сега се повеќе почна да се краде и храна. Не е во ред бидејќи ние ги плаќаме тие производи, велат една продавачка во супермаркет.
Од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека кражбите во маркетите се честа појава. Но има механизми како може да се сузбие таа појава.
-Трговците можат да ги сузбијат ваквите појави. Речиси во секој маркет веќе има камери и обезбедување и можат да видат кој краде. Ако фатате некого на лице место, тогаш се води постапка за кражба, бидејќи тоа е кривично дело. Во некои продавници каде што има ангажирано обезбедување, тоа мора да внимава да не се украде нешто, изјави за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.
Освен тоа, таа додава дека некои продавници на производите имаат залепено аларм, па така доколку се украде некој производ се активира алармот на врата. И покрај тоа што денес има многу механизми за да се спречат кражбите луѓето наоѓаат различни начини како да го направат тоа.
-Има многу несовесни потрошувачи. Освен кражбите во маркетите во последно време сè почесто се случува да се оставаат производи на несоодветно место, да се фрла и да се гази облеката по земја, што е тотална девијантна појава и некултура, додава Лончар-Велкова.
Вели дека во продавниците за облека често се случува да најдеме парчиња облека кој се изгазени, намачкани со кармин, пудра, па дури и искинати, што не е во ред бидејќи сепак на крајот некој тоа треба да го купи.
Поради ваквите појави понекогаш страдаат и совесните потрошувачи. Една потрошувачка вели дека била изненадена откако на каса во еден супермаркет и ја отвориле кутијата со фарбата за коса за да видат да не има уште една туба фарба. Друга пак, се пожали дека и ја отвориле лименката со нес-кафе за да видат дали има уште едно пакување.
Во маркетите велат дека наголемо се краде па поради тоа, мораат да ги проверуваат потрошувачите. Поради честите кражби во некои маркети почнаа да ги заклучуваат скапите алкохолни пијалаци, а производите кои почесто се крадат да ги чуваат на каса.
– Сè се краде, но најмногу путер, сувомесни и млечни производи. Поради големиот пораст на кражбите, почнавме да ги заклучуваат скапите алкохолни пијалаци, производите кои почесто се крадат да ги чуваме на каса, а пред еден месец ангажиравме обезбедување, вели сопственик на една продавница.
Трговците додаваат дека ситни кражби како што се путер, паштета, месни нарезок… не ги пријавуваат во полиција, бидејќи откако ќе ги фатат крадците ги враќаат производите и ги плаќаат повеќекратно.
Освен кај нас се краде секаде во Европа. Поради поскапувањето на храна во последно време сè почести се кражбите на храна. Има крадци кои крадат за да се прехранат, а има и такви кои тоа го прават „од навика“