Кралицата Елизабета II била многу загрижена дека ќе биде тешко да се организира нејзиниот погреб доколку умре во Балморал, откри принцезата Ана.
Овие детали се откриени во новиот документарен филм за кралското семејство, а во трогателен сегмент, принцезата Ана зборува за смртта на нејзината мајка и како се чувствувала кога ја видела кралската државна круна како последен пат се отстранува од ковчегот на кралицата во капелата „Свети Џорџ“ во Виндзор.
„Почувствував прилично чудно чувство на ‘олеснување’ – тоа е тоа, готово е“, изјавила таа.
Принцезата Ана, која е познато дека била исклучително блиска со покојната кралица и мајка за време на нејзиниот живот, исто така изјавила:
„Мислам дека имаше момент кога таа почувствува дека ќе биде комплицирано ако умре во Балморал. Се обидовме да ја убедиме дека тоа не е нејзина грижа“.
Причина била „комплицираното“ организирање на нејзиното испраќање и пренесувањето на нејзиното тело во Лондон, но и доаѓањето на членовите на семејството кои последните денови не беа со неа во Балморал.
Но, многумина сметаа дека е соодветно што кралицата почина во Балморал затоа што толку многу ги сакала шкотските висорамнини. Непосредно пред нејзината смрт во септември минатата година, ја посетил д-р. Иен Гриншилдс, кој потоа изјавил дека е среќна што е таму и дека ужива во мирот.
Принцезата Ана додаде дека е чиста случајност што се нашла во Балморал тој тажен ден. Таа објасни дека само застанувала во замокот на враќање на југ откако поминала неколку дена на западниот брег на Шкотска.
По смртта на кралицата, Ана откри дека на нејзиниот брат му било тешко целосно да се подготви за моментот кога ќе дојде на тронот, и покрај тоа што цел живот го чекал тоа.