Многумина се сеќаваат на одличниот цртан филм „Пајо Патак“ кои пред неколку години го споредуваа поради некои причини со поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Тоа му припадна на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, чија победа многумина не ја сакаа исто како и во цртаниот филм каде главниот лик многумина често не го сакаа. Во Полска има уште еден политички важен Доналд, Доналд Туск. Многумина не ја посакуваат неговата победа на изборите во октомври оваа година, па решија да преземат се што е потребно за да го спречат неговиот подем.
Јарослав Качињски, претседателот на владејачката партија Право и правда (ПиС), познат љубител на мачки, го обвини Доналд Туск дека со години толерира руско влијание: Доналд Туск беше премиер од 2007 до 2014 година. Потоа, тој беше на чело на Европскиот совет, па ја предводеше Европската народна партија, а потоа се врати дома, стана претседател на Граѓанската платформа (ПО) со надеж дека ќе ја доведе до изборна победа и соборување на ПиС по осум години на власт.
Во петокот, на 26. мај, долниот дом на полскиот парламент усвои закон за формирање комисија за истражување на руското влијание во земјата, со тесно мнозинство, откако Сенатот го отфрли предлогот. Во понеделникот, претседателот Анджеј Дуда го потврди законот, велејќи дека се надева дека „парламентот одговорно ќе ги избере членовите на комисијата“.
„Целата опозиција – левицата, центарот, па дури и екстремната десница – едногласно најавија дека нема да учествуваат во работата на комисијата, која го означува ‘крајот на демократијата’ во Полска и ја турка земјата во граѓанска војна“, изјави Шимон Холовнија, претседател на центристичката партија Полска 2050, пренесува APF.
Политичарите од опозицијата го нарекоа законот „Лекс Туск“ и тврдат дека неговата цел е да се отстрани лидерот на ПО од политичката сцена пред избори. Самиот Доналд Туск во петокот изјави дека верува оти намерата на комисијата е негова „елиминација“.
„Ако господинот Доналд Туск има нешто на неговата совест… треба да се плаши“, изјави портпаролот на ПиС, Рафал Боченек, пренесува француската медиумска агенција.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки (извесен период советник на Доналд Туск) ќе го назначи претседателот на комисијата чии членови нема да сносат никаква одговорност за нивните одлуки. Деветчлената комисија, која ќе биде избрана од долниот дом на парламентот, во кој доминира популистичкиот националистички табор, ќе може да одлучи дали политичките лидери во земјата паднале под руско влијание меѓу 2007 и 2022 година и да ги осуди, без ефективен судски надзор.
Критичарите тврдат дека формирањето на ново тело ги прекршува уставните принципи за поделба на политичката и судската власт. Според законот, политичарот прогласен за виновен може да добие 10 години забрана за вршење јавни функции поврзани со пристап до јавните финансии и доверливи информации, за да се спречи повторно да дејствува под руско влијание на штета на интересите на Република Полска.
Планот е повеќе од очигледен – среде изборната кампања, додека трае руската агресија врз Украина, лидерот на опозициската партија ќе биде под истрага за неговите врски со Русија. Сосема е извесно дека дел од гласачкото тело, неопределените, ќе го земат предвид овој факт. Според анкетите, ПиС води, но неговиот коалициски потенцијал е слаб, па сака што повеќе да ја ослабне ПО за да може да формира Влада со мали партии.
Владејачката ПиС вели дека либералната опозициска партија ПО и дозволила на Полска да стане опасно зависна од руските фосилни горива од 2007 до 2015 година, што покрена прашања дали членовите на партијата биле под влијание на Москва. Иако купувањето на енергија од Русија продолжи и по доаѓањето на власт на ПиС.
Посебно интересна е најавата на претседателот Анджеј Дуда, избран со поддршка на ПиС, дека ќе побара од премиерот да му предложи на Европскиот совет формирање на истражна комисија за руското влијание „на европско ниво“. Иако може да се очекува негативна реакција од Брисел на законот кој ги ограничува активностите на опозицијата и кој дополнително ќе ги усложни односите со Варшава, затегнати поради односот на ПиС кон владеењето на правото.
„Владата на САД ја споделува загриженоста за законот што се чини дека има негативно влијание врз способноста на гласачите да гласаат за кандидати по свој избор надвор од јасно дефинираниот процес во независните судови“, изјави американскиот амбасадор во Полска, Марк Бжежински, за странските медиуми.