Австрискиот парламент во четвртокот одлучи да го прекине печатењето на Wiener Zeitung, еден од најстарите дневни весници во светот, кој во иднина ќе се чита само во дигитална форма односно на Интернет.
Тој 320-годишен дневен весник отсега ќе се печати само во месечно издание, а ова го одлучи конзервативно-зелената коалиција и покрај острите критики од уметниците и опозициските партии.
Дневникот е основан во 1703 година, тогаш под името Wienerisches Diarium (во превод – Виенски Дневник) и бил официјален весник на Хабсбуршката монархија.
Во 2021 година, владејачката коалиција одлучи весникот, во сопственост на австриската Влада, да престане да објавува огласи на компании, што беше главниот извор на неговото финансирање и опстојување.
„Весникот има повеќе читатели над 90 отколку под 30 години“, изјави министерката за медиуми Сузане Рааб од конзервативната Австриска Народна Партија (ÖVP).
Австриската писателка и добитничка на Нобеловата награда Елфриде Јелинек и уметникот Андре Хелер се некои од истакнатите луѓе кои се обидоа да го зачуваат печатеното издание на овој весник.
Опозициските претставници ја критикуваат одлуката бидејќи сметаат дека со неа се осиромашува медиумскиот простор во земјата.
„Тоа е удар за медиумската политика и култура“, порача заменик-претседателот на Социјалдемократската партија (СПО) Јерг Лајхтфрид.