Полицијата во Лос Анџелес соопшти дека две лица се убиени, а осум се ранети во престрелка што се случила за време на неофицијална новогодишна прослава во центарот на тој американски град.
Лос Анџелес Тајмс пишува дека сè се случило нешто пред еден час по полноќ во понеделникот.
Се вели дека полицајците добиле повик преку радио за пукање во областа на улицата 15 и авенијата Санта Фе.
Кога стигнале на раскрсницата, слушнале истрели од блиската улица и виделе голема толпа луѓе како бегаат од таму.
– Неколку ранети лежеа на коловозот и тротоарот – соопштија од полицијата.
На местото на престрелката, наводно, биле прогласени за мртви еден маж и една жена, а на осумте ранети им била укажана помош во локалните болници.