Претседателот на Русија, Владимир Путин, верува дека израелската копнена инвазија на Појасот Газа ќе доведе до непроценливи последици.
Откако израелската Армија ги предупреди цивилите и персоналот на ОН да ги напуштат јужните и северните делови на Појасот Газа во рок од 24 часа, Владимир Путин се огласи и кажа дека е тешко да се извршуваат операции во станбени области и во исто време порача дека Русија е подготвена да дејствува како мировен посредник.
„Употребата на тешка опрема од страна на Израел како дел од копнената операција во Појасот Газа во станбени области е сложена работа, полна со сериозни последици, а без опрема е уште потешко да се спроведе таква операција“, вели Владимир Путин.
Според него, цивилните жртви за време на арапско-израелскиот конфликт се апсолутно неприфатливи.
„Сега најважно е да се запре крвопролевањето“, нагласи Владимир Путин.
Претседателот на Русија истакна дека САД се обиделе да го решат политичкиот палестинско-израелски проблем со одредени економски стимулативни мерки.
„Заострувањето на Блискиот Исток е резултат на неуспешната политика на Соединетите Американски Држави, кои не се занимаваа со изнаоѓање компромис во палестинско-израелскиот конфликт. Под насилни изговори, САД всушност го блокираа овој формат, кој беше единствен и имаше мандат одобрен со релевантната резолуција на ОН да го реши основниот проблем со помош на одредени економски стимулативни мерки, односно создавање независна палестинска држава“, посочува Владимир Путин.
Претседателот на Русија додаде дека „тесна група земји“ не сака да сфати дека го губат својот хегемоничен статус и подгреваат конфликти.
„Очигледно е дека тесна група земји не сакаат да се разделат со статусот на хегемон и за таа цел директно предизвикуваат кризни ситуации во различни региони во светот, активно поттикнувајќи и стари и нови жаришта на воени конфликти“, порачал Владимир Путин.
Според него, Русија е подготвена да биде посредник во палестинско-израелското решение.
„Би сакал да истакнам дека Русија е подготвена да се координира со сите конструктивно наклонети партнери. Ние тргнуваме од фактот дека нема алтернатива за решавање на палестинско-израелскиот конфликт преку преговори“, порача тој.
Според Владимир Путин, целта на преговорите треба да биде имплементација на формулата на ОН, која подразбира создавање на независна палестинска држава со главен град во источен Ерусалим, која ќе коегзистира во мир и хармонија со Израел.
„Гледаме и дека Израел беше подложен на напад без преседан по својата суровост, и секако дека има право на заштита и да го обезбеди своето мирно постоење“, заклучува Владимир Путин.