Русија очигледно не е задоволна од притисокот од Европската Унија за прекин на огнот во Украина, а тоа го покажува уште една реакција од оваа земја по повикот на европските лидери за 30-дневен прекин на огнот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „ултиматумите“ издадени од лидерите на ЕУ за договор за прекин на огнот до понеделник вечерта се „неприфатливи“.
„Јазикот на ултиматумот е неприфатлив за Русија, не е соодветен. Не можете да разговарате со Русија на таков јазик“, изјави Песков пред новинарите за време на брифингот, објави АФП.
Тој инсистираше дека руската администрација е „фокусирана на сериозна потрага по начини за постигнување долгорочно мирно решение“, без да даде никакви индикации дали ќе се одржи средба меѓу Владимир Путин и Володимир Зеленски во Истанбул.
Претходно, Путин го покани украинскиот лидер на директни разговори во Истанбул на 15 мај, откако Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, полскиот премиер Доналд Туск и германскиот канцелар Фредерик Мерц предложија 30-дневен прекин на огнот на Русија по разговорите со Доналд Трамп и ѝ се заканија со нови санкции доколку не го прифати.