Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека нацрт-мировниот договор за кој Русија и Украина разговараа во Истанбул во 2022 година може да биде почетна точка за решавање на конфликтот во Украина.
Песков рече дека има изјави и од Вашингтон во кои се споменува можноста Истанбулскиот договор да стане основа за преговорите меѓу Русија и Украина.
Претходно рускиот амбасадор во Лондон Андреј Келин изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп сака брзо да постигне мирно решение во Украина. Тој истакна дека нацрт-истанбулскиот мировен договор не само што содржи одредби за политичко решавање на конфликтот, туку предвидува и безбедносни гаранции без потреба од испраќање странски војници во Украина.
Русија предлага идните мировни преговори да се засноваат на Истанбулскиот договор.
Турција, членка на НАТО, беше домаќин на првите разговори меѓу двете страни.
Тој исто така додаде дека Москва би можела да преземе акција во случај на милитаризација на Европската унија.
– Оваа милитаризација (на ЕУ) се случува главно против Руската Федерација. Ова, се разбира, потенцијално може да биде тема што длабоко не загрижува и поради потребата да се преземат соодветни контрамерки за да се обезбеди нашата безбедност, рече Песков, одговарајќи на прашање за плановите на ЕУ за зајакнување на воените капацитети.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера предложи да се соберат 800 милијарди евра за финансирање на планот за повторно вооружување на Европа, а лидерите на ЕУ ја поддржаа идејата на специјалниот самит во Брисел.
Планирано е парите да се инвестираат во одбраната, вклучително и вооружувањето на Украина, во текот на четири години.