Кремљ ја обвинува администрацијата на Бајден за попречување на обидите на Трамп да стави крај на војната во Украина

– Кремљ ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека се обидува да ги попречи напорите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да стави крај на руско-украинската војна, која веќе трае повеќе од 1.000 дена.

„За време на изборната кампања, Трамп изјави дека сака да обезбеди мир за сите. Тие сега (администрацијата на Бајден) се обидуваат да ја ескалираат ситуацијата толку многу што веќе овие напори за мир се осудени на неуспех“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју со новинарот Павел Зарубин вчера.

Обвинувајќи ја администрацијата на Бајден дека е „учесник во војната“, Песков тврди дека тие постојано покажувале дека сакаат и ќе направат „сè“ за да се осигурат дека конфликтот во Украина нема да заврши.

Песков понатаму рече дека верува оти демократите сакаат да се одмаздат за нивната загуба на претседателските избори во САД претходно овој месец, понатаму тврдејќи дека затоа тие се обидуваат да ја „одведат администрацијата на Трамп во ќор-сокак“.

Портпаролот, исто така, рече дека мисли оти каква било конфронтација не ја исклучува можноста за дијалог и дека, во случајот со САД, е „тешко да се замисли“ дека Вашингтон ќе го намали дијалогот со Москва на нула.

Тој рече дека Москва не гледа на вториот мандат на Трамп со „розови очила“ и дека ќе видат дали идниот американски претседател ќе ја промени политиката на Вашингтон по неговата инаугурација во јануари.