Вредноста на биткоинот надмина 120.000 долари за прв пат во историјата, поставувајќи нов рекорд во понеделник наутро.
Најголемата криптовалута во светот го продолжи својот раст на почетокот на она што многумина го нарекуваат „Крипто недела“, бидејќи три клучни законски предлози важни за целиот сектор на дигитални валути ќе бидат презентирани пред Конгресот на САД во наредните денови.
Според „КоинДеск“, биткоинот порасна за 3,57 проценти во понеделник наутро на 122.310 долари. Експертите објаснуваат дека овој остар пораст е поттикнат од пошироките економски очекувања, како што е можното намалување на каматните стапки подоцна во текот на годината.
„Очекувањата дека каматните стапки би можеле да се намалат го ослабнаа доларот и ги направија средствата деноминирани во долари како што е Биткоинот попривлечни за инвеститорите“, објасни Дилин Ву, аналитичар во „Пеперстоун“.
Законодавството што ќе помине низ Претставничкиот дом на САД би можело да даде дополнителен импулс на пазарот. Станува збор за три закони што би можеле да внесат поголем ред и јасност во регулирањето на дигиталниот пазар: Законот за стабилни валути (GENIUS Act), Законот за CLARITY и Законот за државен надзор против CBDC, кој би им забранил на Федералните резерви директно да издаваат дигитална валута на централната банка на граѓаните.
„Искуството покажува дека кога законодавците поддржуваат рамка што функционира за индустријата, расте и интересот на институционалните инвеститори“, додава Ву. „Очекуваме дека капиталот што досега беше неактивен поради нејасна регулатива повторно ќе почне да влегува на пазарот, особено во проекти поврзани со стејкинг и токени.“
Сепак, пазарот на криптовалути останува нестабилен, па затоа аналитичарите предупредуваат дека се можни ненадејни корекции по ваквите силни скокови.
Таканаречениот „Индекс на страв и алчност“ на пазарот моментално изнесува 70, што е значително повисоко од минатонеделните 50. Бидејќи индексот се движи од 0 до 100, повисоката вредност укажува дека пазарот може да е „прегреан“. Како што истакнува Шивам Такрал, директор на дигиталната берза BuyUcoin, нивото од 70 сугерира дека пазарот е „зрел за корекција“.
Другите криптовалути исто така бележат раст – Етерот се зголеми за 2,7 проценти во последните 24 часа, XRP за 5,3 проценти и Solana за 2,5 проценти.
Позитивниот тренд продолжи кај компаниите поврзани со крипто пазарот – цената на акциите на Coinbase Global и Strategy се зголеми во претпазарното тргување за 1,8 и 3,3 проценти, соодветно.