Фудбалерот Кристијано Роналдо повторно се врати на суд поради обвинувањата дека платил за молкот на Кетрин Мајорга која го обвини за силување во 2010 година.
На Кетрин Мајорга, која се откажа од правото на анонимност, и биле наводно платени 375.000 долари за да молчи. Таа сведочеше дека фудбалерот ја силувал во хотел во Лас Вегас во јуни 2009 година, а тој тоа остро го негираше.
Тужбата беше отфрлена во јуни минатата година поради несовесно однесување и украдени документи. Меѓутоа, во среда американскиот суд ќе ги сослуша адвокатите кои сакаат да ги оживеат обидите на Кетрин Мајорга да го принуди Кристијано Роналдо да и плати милиони.
Нејзиниот правен тим бара од судот да го поништи отфрлањето на нејзиниот случај и повторно да ја отвори граѓанската тужба што ја поднесе во Невада во 2018 година.
Тие тврдат дека федералниот судија во Невада згрешил кога постојано ги отфрлал обидите на Кетрин Мајорга да го стави како доказ договорот за доверливост, кој таа го потпишала во 2010 година кога добила пари од Кристијано Роналдо.
Кристијано Роналдо ги отфрли обвинувањата во изјава во октомври 2018 година.
„Цврсто ги отфрлам обвинувањата против мене. Силувањето е грозоморно злосторство кое оди против сето она во што сум и во што верувам“, изјави фудбалерот.
Адвокатскиот тим на Кристијано Роналдо тврди дека сексот бил консензуален и дека договорот за доверливост ги спречува и неговиот тим и Кетрин Мајорга да зборуваат за тоа.
Кристијано Роналдо беше фудбалска ѕвезда на Реал Мадрид, Јувентус и Манчестер Јунајтед, а сега игра за клубот Ал Наср во Саудиска Арабија, каде живее со својата девојка Џорџина Родригез и децата.