Фудбалерот на Ал Наср од Саудиска Арабија, Кристијано Роналдо, откри дека нема намера да се врати во Европа.
Во пријателски натпревар неговиот клуб доживеа дебакл од Селта Виго (0:5), но и покрај тоа Кристијано Роналдо тврди дека од европските лиги само Премиер лигата го задржала својот квалитет, додека останатите натпреварувања се во голем пад.
„Нема да се вратам во Европа, таа врата целосно ја затворив. Имам 38 години, но и европскиот фудбал изгуби многу квалитет. Единствено што вреди е Премиер лигата, таа е далеку пред другите. Португалија има добра лига, но не е врвна, шпанската лига се влошува… Сигурен сум дека нема да се вратам во Европа“, изјавил Кристијано Роналдо.
Португалецот не го привлекува ниту американската МЛС Лига каде кариерата ќе ја продолжи неговиот голем ривал Лионел Меси.
„Лигата во Саудиска Арабија е посилна од американската МЛС“, тврди тој.
Потоа следуваше коментар кој ќе предизвика бурни реакции кај фудбалската јавност.
„Јас сум тој што ја отвори Пандорината кутија во Саудиска Арабија и сега сите сакаат да дојдат овде. Запомнете дека италијанската лига беше мртва, а потоа потпишав за Јувентус и ја оживеав. Знам дека истото ќе се случи во Саудиска Арабија и дека следната година уште повеќе ќе дојдат добри играчи“, тврди Португалецот.