– Надлежните власти на Кувајт го забранија прикажувањето на филмовите „Барби“ и „Зборувај со мене“, кои ги сметаат за неадекватни од аспект на јавниот морал и општествените обичаи во таа заливска земја.
Новинската агенција КУНА јави дека Лафи ес-Саби од Министерството за информации изјави дека филмовите „Барби“ и „Зборувај со мене“ нема да се прикажуваат во Кувајт.
Саби истакна дека ваквата одлука е донесена со цел да се заштитат јавниот морал и општествената традиција.
„Одборот за надзор на филмовите бара да се избришат вознемирувачките сцени пред да се дозволи прикажување на филмот. Кога филмот содржи порака што не е во согласност со вредностите на општеството, забрането е негово прикажување. Ова се однесува на секој филм што има содржина што не е во согласност со вредностите и традициите на нашиот народ“, порача Саби.
И властите на Либан претходно најавија дека филмот „Барби“ нема да се прикажува во таа земја со образложение дека ги крши моралните и верските вредности и промовира хомосексуалност.