Ова е Службен весник, каде е објавена Програмата за финансирање за патна инфраструктура на проектот Коридор 8 и Коридор 10д. Ова е јавен документ којшто ВМРО-ДПМНЕ сака да го претстави дека е конспиративен. Нема да им успее затоа што аргументите се тука, ова е документ од Службен весник којшто е достапен за јавноста, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, коментирајќи ги тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на проектот.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, денеска не кажа ништо спектакуларно и она што го направија е само потврда на оваа прес-конференција дека секогаш кога станува збор за реализација на стратешка цел којашто е од национален интерес ВМРО-ДПМНЕ е секогаш против и е секогаш на погрешната страна.
– Затоа треба ВМРО-ДПМНЕ да одговори кога конечно ќе кажат на која собраниска комисија сакаат да се зборува, да се разгледува договорот за изградбата на коридорите 8 и 10д. Одолговлекувањето им одговара токму поради тоа што им дава време да продолжат да шират лаги, да шират манипулации, но и да нанесат штета и на граѓаните и на државата, рече Кузеска, на новинарско прашање.
Таа изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи, „ќе се вразумат и ќе кажат на која собраниска комисија сакаат да се разгледува договорот за овој стратешки национален инфраструктурен проект којшто е најголем од независноста до сега и дека за брзо ќе го дадат одговорот токму на ова прашање“.