– Кумановката Анита Димовска, професорка по англиски јазик дебатираше на книжевната сцена со бајката „Зелена кралица“. Бајката е објавена во новата книга за деца „Детелинки белинки современи бајки до четири листенца“, која беше промовирана минатата недела во рамки на Денови на литература. Книгата содржи шеснаесет бајки од петнаесет автори од државата.
– Ова е моја прва бајка, вечна инспирација се децата, работам со нив тоа е голема привилегија и благодат. Пораката која ја испраќам е да се грижиме за природата. Ова е еко бајка, насловена „Зелената кралица“, изјави Димовска.
Димовска аплицирала на конкурсот организиран од движењето за поддршка на креативност Иво Лауренчиќ „Браво сине“ и Арс Ламина во 2020 година. Од пристигнатите 442 бајки, вкупно 16 на млади и веќе етаблирани македонски автори се издадени во новата книга за деца „Детелинки-белинки: современи бајки со четири листенца“. Делото содржи 16 бајки, меѓу нив е и бајката „Авантурите на едно мракче“ од Билјана Станковска, поетеса, раскажувач и писател за деца од Куманово. Во книгата се застапени бајки од нови, но и од веќе етаблирани автори: Владо Димовски („Во земјата на белите облачиња“), Анета Ристеска („Вин-вин“), Клементина Петрушевска („Часовникот на Симон“), Мартина Дукоска („Детелинки-белинки“), Светлана Дарудова („Бајка за Нова година“ и „Талкачката“), Биљана Стојановска („Змејот од Пелистер“), Ана Ѓорѓевиќ („Горделивата жирафа“), Марија Ралповска („Волкот Пуи“), Мимоза Тодоровска („Волшебен лет“), Владо Јаневски („Папагалот и кучето“), Алма Растодер („Магијата на другарството“), Ана Гаштарова („Не е добро да се лаже!“) и Весна Кираџиева („Авантурите на Трепколетка“).