Сликата што била купена на францускиот пазар пред 15 години, а сега ја открил италијански колекционер, му е припишана на сликарот Амедео Модиљани, објави весникот „Ил Ресто дел Карлино“.
Сликата, која беше непотпишана, ја купи Паоло Гузини, претприемач и колекционер од Реканати, родниот град на поетот Џакомо Леопарди.
Иако сликата не беше потпишана, на нејзината позадина беше пронајден печат на продавница во Монмартр која снабдуваше уметници на почетокот на 20 век, што го поттикна сопственикот на дополнително истражување, објави Анса .
Архивата Модиљани во Рим потврди дека сликата потекнува од уметникот од Ливорно, а ова сега е официјално објавено во шестото издание на Архивата Модиљани.
Се верува дека личноста на портретот е Марио Кавалиери, пријател на Модиљани, кого уметникот го запознал во Венеција и кој му пружил гостопримство за време на неговата младост .
Модиљани, кој почина на 35-годишна возраст, ја започна својата кариера сликајќи портрети на неговите пријатели и познаници, па овој портрет би можел да биде едно од првите дела што ги насликал по пристигнувањето во Париз.
Таа слика сега е дел од приватната колекција на Гучини.
Делата на Модиљани се продаваат за милиони на аукции, а особено се барани неговите портрети на жени со долг врат.