Косовскиот премиер, Албин Курти, вели дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, сакал на 24 септември да го претвори манастирот во Бањска во северно Косово во „Кула на семејството Јашари“ за косовските Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти вели дека, со акцијата во Бањска, каде што во неделата загина косовски полицаец и најмалку тројца напаѓачи врз полицијата, Вучиќ сакал да создаде симбол налик на оној на еден од сновачите на Ослободителната војска на Косово, Адем Јашари, кој заедно со над 50 членови на неговото семејство беше убиен во напад на српските сили во 1998 година, со кој се зачна војната во Косово, која резултира со напади на НАТО против Србија и подоцна прогласување независна косовска држава.
Според косовскиот премиер, српскиот претседател, на една од последните средби во Брисел, во мај годинава, изјавил дека потпретседателот на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радојичиќ, за кого се вели дека бил еден од организаторите на нападот врз косовската полиција во Бањска, ќе биде „српски Адем Јашари“.
– Вучиќ е опседнат со врховниот командант на ОВК Адем Јашари. Сакаше на 24 септември православниот манастир Бањска да го претвори во „Јашарајска кула“ за Србите на Косово! На средбата на 2 мај во Брисел ни рече дека Милан Радојичиќ ќе стане српски Адем Јашари. Но, како диктатор, тој не ја разбира историјата: еповите и ослободувањето не се фабрикуваат и не се копираат, напиша Курти.
Според него, на Србите во Косово им е потребно ослободување од терористичките алатки на Србија.
– Косово е демократска држава и прозападна земја: кој се интегрира живее подобро. На Србите во Косово не им треба ослободување од Република Косово, туку од терористичките алатки на Србија, напиша Курти.