Претставениот нацрт-статут на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово ја претставува желбата на Србија во Косово да формира една Република Српска, изјави косовскиот премиер Албин Курти по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел.
Курти за новинарите изјави дека на почетокот на состанокот, со посредство на високиот претставник Жозеп Борел и специјалниот посредник на ЕУ, Мирослав Лајчак, се согласиле за договорот за исчезнати лица, кој е преточен во Декларација за исчезнати лица за време на војната во Косово.
Косовскиот премиер наведе дека потоа Управувачкиот тим им го претставил нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, целосно спротивен на косовскиот Устав и законите, спротивен на демократијата, европските вредности, човековите права и правата на малцинствата.
„Реков дека предадениот нацрт-статут фундаментално е спротивен на Уставот. Нацрт-статутот што е претставен е резултат на желбата за Република Српска во Косово, додека нацрт-статутот што јас го предадов е нешто слично на оној што Србија го има со Хрватска“, рече Курти, пренесе ТРТ Балкан.
Тој истакна дека Косово и покрај тоа е заинтересирано да се најде решение во согласност со членовите 7 и 10 од Договорот за нормализација постигнат на 27 февруари во Брисел.
„Јас ја претставив нацрт-визијата за тоа како треба да изгледаат вредностите и начелата, која би била рамката што го регулира прашањето за немнозинските заедници, етничките малцинства, поточно Србите во Косово. Верувам дека тоа ќе биде сериозно третирано од посредниците Борел и Лајчак“, рече Курти и додаде дека Србите треба да живеат на Косово и да имаат права.
Наведе дека е против идејата некои Срби да се поважни од други Срби, бидејќи се во овие или оние општини. Тоа го оцени како сегрегација на Србите. Курти рече дека Косово ја отфрла територијалната автономија.
Наведе и дека на посредниците им предал документ во кој навел дека Србија го прекршила Договорот од 27 февруари.
„Само во март и април прекршени се 8 од 11 члена од тој договор. Бараме гаранции за примена на тој договор и анексот“, рече косовскиот премиер.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто го одбил европскиот предлог за надминување на ситуацијата на северот на Косово, Курти рече дека не му е мило што излезноста на изборите на 23 април била мала. За тоа ја обвини Српската листа која одби да учествува на изборите и рече дека за грешката на Српската листа не може да трпи државата Косово.
Тој истакна дека градоначалниците се неопходни за да бидат во служба на граѓаните.