Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за Хина пред новата рунда дијалог за нормализирање на односите со Србија изјави дека нема да дозволи создавање на некоја форма на Република Српска на северот на Косово, пренесе Бета. На средбата меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел на 2 мај, ќе биде претставен нацрт-статусот на општините на северот на Косово, каде живеат мнозинство Срби, што е клучна точка на преговорите.
Курти, во интервју за Хина во петокот на економски форум во грчкиот град Делфи, рече дека се уште не го видел нацртот. Српската страна има приоритет на формирање на заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, што е предвидено со бриселскиот договор за нормализација на односите од 2013 година. Косово, од друга страна, се обидува да ја спречи таа заедница да има извршни овластувања, нагласувајќи дека не сака нешто како Република Српска во БиХ на нејзина територија.
„Со оглед на инсистирањето на Брисел, со задоволство ќе видам каков нацрт подготвиле, иако мислам дека ќе беше подобро да ми го презентираа прво во Приштина. Сепак, ќе се погрижам да се исполни она што веќе беше договорено на 27 февруари во Брисел, постоење на соодветно ниво на самоуправа на српската заедница според највисоките европски меѓународни стандарди за заштита на малцинствата“, рече тој.
„Но, она што нема да го дозволиме е правото на територијализација и создавање на се што би изгледало како Република Српска во Босна и Херцеговина. Нема да дозволиме сателитска парадржава со деструктивна суштина што ќе ја поткопа државноста на Косово“, нагласи тој.
„Сепак, нашата земја е нормална демократска земја која им дава индивидуални и други права на своите граѓани, но не дозволува територијализација врз основа на етничката припадност бидејќи тоа е против демократијата и републиката“, додаде Курти, кој е на власт од март 2021 година.
Тој рече дека им служи на сите граѓани на Косово без разлика на етнички идентитет, социјална припадност или верска припадност и дека во Брисел ќе обезбеди уставност и законитост на целата територија на Косово.
„ Сакам нормални односи со Србија, европски односи, добрососедски односи. Заштитата на малцинствата ни е важна. Но, ние не можеме да и дадеме извршни овластувања на локалната заедница бидејќи извршните овластувања припаѓаат на Владата и општините“, нагласи тој.
„Значи, да почекаме и да видиме како ќе се развива средбата во Брисел“, рече тој