– Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека српската армија ги изведува своите главни воени вежби на само 30 километри од границата со Косово.
Обраќајќи им се на новинарите на церемонијата на отпочнување на работите за изградба на националниот пат Киево-Долац во централно Косово, Курти рече дека српските единици изведуваат вежби со борбени беспилотни летала камикази.
Тој нагласи дека овие вежби се одржуваат на само три километри од границата со Црна Гора и дека со таквото однесување Србија покажува дека е „главниот актер на дестабилизирачките напори за регионот на Западен Балкан“.
„На 30 километри од косовската граница, во Паштер во Санџак, се одржува можеби главниот ден на нивната воена вежба наречена „Виор 2024“. Денеска тие ќе прават вежби со борбени беспилотни летала камикази и местото каде што ќе се одржуваат овие вежби, покрај тоа што е 30 километри од границата на Косово, е на само три километри од границата на Србија со Црна Гора. Ова е и доказ дека Србија е авторитетот, инстанцата, факторот, главниот актер на дестабилизирачките напори за регионот на Западен Балкан и претставува закана не само за нашата Република, која не ја признава, туку и за безбедноста на сите граѓаните во регионот, рече Курти.
Според косовскиот премиер, денешната вежба на српската армија „покрај тоа што претставува закана, од друга страна, таа предизвикува и најголемо загадување на воздухот и почвата во Санџак“.