Курти: Утре заклетва полагаат тројца нови градоначалници на општини од северот на Косово

Премиерот на Косово рече дека поради застрашувања, линчувања, притисоци и уцени од страна на официјален Белград, слаба била излезноста на српските граѓани на локалните избори во северниот дел на Косово.

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека утре ќе се одржат конститутивните седници на собранијата на општините Звечан и Лепосавиќ, по што заклетви ќе положат тројцата нови претседатели на општините Звечан, Убин Поток и Лепосавиќ.

Курти во својот воведен говор на почетокот на денешната седница на Владата на Косово рече дека полагањето заклетви ќе биде извршено во јавни згради, не прецизирајќи кои се тие згради.

Последниот рок за полагање заклетва е 28 мај, кога истекува еден месец од потврдувањето на резултатите од вонредните локални избори во северниот дел на Косово спроведени на 23 април. Поради бојкотот на српската заедница, излезноста на гласачите на тие избори беше мала и изнесуваше 3,47 отсто.

Премиерот на Косово потсети дека вчера се наврши еден месец од одржувањето на изборите во општините во северниот дел на Косово, кои поминаа мирно и без инциденти. Меѓутоа, како што кажа, поради застрашувања, линчувања, притисоци и уцени од страна на официјален Белград, слаба била излезноста на српските граѓани на овие избори.

„Ваквите заканувачки кампањи на официјален Белград против локалните Срби, особено во нашите четири општини на северот од земјата, се чести и континуирани. Но само затоа што нешто се случува често и постојано, не значи дека тоа е нормално и прифатливо“, рече Курти.

Тој истакна дека минатиот петок заклетва положил избраниот градоначалник на Општина Северна Митровица, Ерден Атиќ, додека Катарина Аџанчиќ, која доаѓа од редовите на српската заедница, именувана е за негова заменичка. Курти наведе дека вчера се именувани четири општински директори, по еден Србин, Бошњак, Египќанец и Албанец, меѓу кои има две жени.

Курти рече дека поминале повеќе од шест месеци откако овие четири општини останале без градоначалници, две општини и без собрание, а тамошното население без општински служби.

Тој оцени дека тоа не е нормално и дека акциите на Владата на Косово се насочена кон демократско функционирање на државните институции и гарантирање на јавните услуги за сите граѓани. Курти порача дека тоа не е избор, туку обврска и дека Владата е посветена да ги штити човековите права, граѓанските слободи, владеењето на правото, политичкиот плурализам, мирот и безбедноста во земјата.

Откако новиот градоначалник на Северна Митровица минатиот петок положи заклетва, Српската листа најави дека „доколку не се престане со лишувањето од основните права на српскиот народ во Косово“, на 1 јуни ќе следува одлучен одговор од српскиот народ. Тоа е рок што му е даден на премиерот на Косово, Албин Курти, претставниците на Квинта и меѓународната заедница.

Пред полагањето на заклетвата на градоначалникот на Северна Митровица, САД, Франција, Италија, Германија и Велика Британија изјавија дека не постои услов градоначалниците да положат заклетва во општинските канцеларии. Земјите од Квинта со заедничка изјава ги повикаа сите страни да се воздржат од употреба на сила или акции што поттикнуваат тензии или судири.

Изборите во овие општини се распишани откако Србите ги напуштија сите косовски институции во северниот дел на Косово, поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата со стари регистарски таблички (КМ) на легални (РКС). Потоа оваа одлука беше одложена, но Српската листа не се врати во институциите и своето враќање го услови со формирање Заедница на општини со српско мнозинство во Косово и повлекување на специјалните единици на косовската полиција.