Курти повтори дека за Косово е неприфатлив Нацрт-статутот за Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово што го претстави Управувачкиот тим бидејќи е во спротивност со Уставот на Косово.
По вчерашното одбивање на претставениот Нацрт-статут на Заедницата на општини со српско мнозинство, за време на состанокот на високо политичко ниво меѓу Белград и Приштина во Брисел, премиерот на Косово, Албин Курти, ја претстави својата визија за Нацрт-статутот на Заедницата, пренесува Анадолу.
Курти во објава на Твитер повтори дека за Косово е неприфатлив Нацрт-статутот за Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово што го претстави Управувачкиот тим бидејќи е во спротивност со Уставот на Косово.
Во објавата на визијата, која ја презентира и синоќа во Брисел, Курти наведе дека Нацрт-статутот мора да може да исполни одредени елементи, како што е давање можност на припадниците на српската заедница во Косово да ги промовираат и заштитат своите интереси преку самовладејачка рамка.
Тој понатаму истакна дека статутот треба да промовира нетериторијален проект, каде што сите Срби на Косово ќе бидат функционално претставени „во согласност со принципот на еднаквост пред законот и недискриминација, врз чија основа сите Срби во Косово го остваруваат своето право на слободно здружување заради одбрана или заложување за политички, национални, културни, социјални, економски права и цели и друго“.
Нацрт-статутот на Курти за Заедницата предвидува обезбедување директен канал за комуникација со Владата на Косово, меѓу другото, преку учество во Консултативниот совет за заедници.
„Тоа ќе даде можност да се финансира од буџетот на Владата на Косово, меѓународните организации, институциите на трети земји и донации, вклучително и Србија, а сето тоа мора да помине низ процедурите и прописите на Министерството за финансии на Косово. Предвидува можност за соработка со сите институции, меѓу кои и општините, со цел поддршка на нивната работа и мисијата на членовите“, се наведува во Нацртот.
Заедницата целосно ќе ги признае уставните карактеристики на Република Косово, како што се почитувањето на независноста, единството на институционалниот систем, територијалниот интегритет и ќе придонесе за нејзина целосна реализација во практика.
Важечките закони ќе обезбедат можност за остварување на некои непрофитни услуги низ создавање здруженија во областа на културата, уметноста, науката и образованието, како и здруженија на истражувачи и други, за изразување, унапредување и развој на српскиот идентитет.
Покрај другото, ќе обезбеди процедура за регистрација во владиниот орган на Косово одговорен за општа администрација и процедури за почитување на законите на Косово што се во сила. Ќе обезбеди и промовира почитување на политичкиот плурализам, слободата на говорот, слободата на здружување и правото на слободна одбрана на политичкиот и верскиот идентитет на Србите на Косово.
Во меѓувреме, министерот за локална самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, го разреши од должноста Управувачкиот тим за подготовка на статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.
Красниќи во објава на Фејсбук напиша дека по вчерашното претставување во Брисел на Нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство, според надлежностите дадени на Управувачкиот тим со Бриселскиот договор од 2013 и 2015 година, овој тим сега е без статус.
„Значи денес, 3 мај 2023 година, одлучив да ги разрешам од должност членовите на овој Управувачки тим составен од Данијела Вујичиќ, Јелена Боловиќ, Игор Каламар и Дејан Радојковиќ“, напиша Красниќи.