Мисијата КФОР предводена од НАТО не беше во областа кога српската полиција вчера уапси тројца косовски полицајци, но испрати тим во областа и воспостави контакти со претставници на косовските институции и српските власти.
Мисијата КФОР предводена од НАТО не беше во областа кога српската полиција вчера уапси тројца косовски полицајци, но испрати тим во областа и воспостави контакти со претставници на косовските институции и српските власти, јави КФОР, пренесува Анадолија.
Се наведува дека КФОР е во редовен контакт и со Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС.
„Ги повикуваме двете страни веднаш да ги намалат тензиите и да се воздржат од еднострани дејствија кои би можеле да доведат до натамошна ескалација“, соопшти КФОР во првата реакција по вчерашното киднапирање на тројца косовски полицајци во пограничната област на северот на Косово.
КФОР ја следи ситуацијата и продолжува целосно да го спроведува својот мандат на ОН, заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година, за да обезбеди безбедна и мирна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово.
Таа, исто така, продолжува да ја обезбедува потребната безбедносна рамка за започнување на дијалог предводен од ЕУ за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
Косовскиот премиер Албин Курти вечерва пред пратениците во Собранието на Косово изјави дека се уште чека одговор и преземање на ефективна одговорност од страна на КФОР за киднапирањето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили.
Курти рече дека КФОР треба да интервенира во врска со киднапирањето полицајци, бидејќи одговорноста на институцијата е да изврши заштитна функција со наредба на Србија да ги врати киднапираните полицајци и да го казни ова флагрантно кршење на територијалниот интегритет, суверенитет и Кумановскиот договор.