– Со оглед на тоа дека семејствата во Кина имаат сѐ повеќе домашни миленици, а сѐ помалку деца, кинескиот „КФЦ“ ги заменува играчките на детското мени со опрема и предмети за кучиња, пишува „Форчн“.
„Јам Чајна“, мултинационална компанија којашто управува со правата на „КФЦ“ во Кина, најави дека работата мора да се прилагоди на новата кинеска демографија. Детското мени не го ползуваат само децата, туку и возрасни гости на „КФЦ“, а тие сѐ почесто се луѓе приврзани за своите миленици.
Се чини, приоритет на младите во Кина од тн. „генерација З“ и „милениумците“ се личната удобност и благосостојба, па и не практикуваат брак и деца така често како порано.
Освен тоа, се зголемува и бројот на домаќинства со два члена без деца во земјава, па сѐ повеќе луѓе се одлучуваат да посвојат домашни миленици.
Според кинеската асоцијација за индустрија за домашни миленици, од 2015 до 2020 година, пазарот на домашни миленици има раст од четири пати, на 46 милијарди долари. А годинава се очекува да достигне 70 милијарди долари. И додека „КФЦ“ организира промотивни понуди за играчки за домашни миленици, Владата сега, се чини, се обидува да ги охрабри семејствата да имаат деца, укинувајќи ги претходните строги контроли за бројот на деца по семејство.