Лавров доаѓа во Македонија! Првпат е на Балканот откако започна конфликтот во Украина

Бугарија го отвори својот воздушен простор за да присуствува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, соопшти амбасадорката на Русија во Бугарија, Елеонора Митрофанова.

– Добивме позитивен одговор на нашата нота за летот на авионот на Лавров над воздушниот простор на Бугарија. Бугарското Министерство за надворешни работи официјално нè извести дека на нашиот министер му е дозволено да лета во воздушниот простор на земјата – рече Митрофанова.

Претходно американската агенција АП објави дека  Македонија донела одлука да дозволи авионот на рускиот министер за надворешни работи да ја прелета земјата за да учествува на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Скопје. Воздушниот простор ќе биде отворен од 29 ноември до 1 декември, наведува агенцијата.

Да потсетиме, рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко неодамна за Спутник изјави дека Русија добила покана да учествува на состанокот и дека има намера да учествува на министерско ниво. Ова е прва посета на рускиот министер за надворешни работи на Балканот од почетокот на конфликтот во Украина.