– Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, вчера изјави дека какви било дискусии за иднината на Појасот Газа без моментален прекин на огнот се бескорисни.
Зборувајќи на седницата на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Газа, Лавров рече дека САД ги блокирале сите напори и иницијативи за запирање на крвопролевањето во Газа, истакнувајќи дека Вашингтон му дава на Израел „карт бланш“ колективно да ги казни Палестинците.
Лавров посочи дека целиот свет чека Западот да сфати дека неговото „упорно занемарување на мултилатералната дипломатија одвреме-навреме“ доведува до трагедија.
Наведувајќи дека проценката на моменталната ситуација во Газа укажува дека малку е веројатно дека таа земја некогаш ќе биде погодна за живеење, Лавров ја дефинираше како експлозивна ситуацијата на границата меѓу Либан и Израел.
Лавров истакна дека Русија е вознемирена поради изјавите на израелското раководство кои го доведуваат во прашање решението за две држави како решение на палестинско-израелскиот конфликт.
„За разлика од некои западни колеги кои застапуваат двојни стандарди, ние не ги делиме екстремистите на добри и лоши, на пријатели и непријатели. Инсистираме на ослободување на заробениците во Газа, без разлика на нивната националност и потекло“, посочи шефот на руската дипломатија.
Тој додаде дека Русија категорично ја осудува агресијата на САД и Велика Британија врз Јемен, која претставува закана на мирот, законот и редот.
Лавров ги повика членките на Советот за безбедност на ОН да не наседнуваат на американските убедувања дека Вашингтон сѐ држи „под контрола“ и да не го одложуваат воспоставувањето на палестинската држава.
– Војната во Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, училишта, болници и верски објекти по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 25.490 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 63.354 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.