Лавров: Не е лесно да се постигне мировен договор со САД за Украина

– Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека постигнувањето договор со САД за мир во Украина „не е лесно“, додека Москва и Вашингтон продолжуваат со контактите во обид да најдат начин за прекин на војната што трае повеќе од три години.

„Клучните компоненти на решението за мир не се лесни за договор. Тие сè уште се предмет на дискусија“, рече Лавров во интервјуто за рускиот весник „Комерсант“, објавено доцна синоќа, одговарајќи на прашање дали Русија и САД веќе ги формулирале главните параметри за можен сеопфатен договор за Украина.

Потсетувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин уште во јуни минатата година ги истакнал очекувањата на Москва од потенцијалниот договор, Лавров рече дека „оваа позиција не е некаков вид барање“.

„Уште еднаш потенцирам, оваа позиција цврсто се темели на формулациите во Повелбата на Обединетите нации, на многубројни конвенции и на резултатите од референдумите, односно на изразената волја на народот во соодветните територии“, додаде Лавров, осврнувајќи се на украинските територии што Москва ги анектираше во 2022 година.

Коментирајќи ги разговорите за мир со Вашингтон, Лавров рече дека „здравиот разум“ ја води политиката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој истакна дека Русија и САД како „одговорни меѓународни актери“ имаат обврска да сторат сè што е можно за судирот на различни интереси да не прерасне во конфронтација.

„А во оние случаи кога интересите ќе се совпаднат, должни сме да направиме сè што можеме за да не го пропуштиме моментот и таа случајност да ја преточиме во заемно корисни проекти,“ додаде Лавров.

Рускиот министер, исто така, посочи дека Москва добро разбира како изгледа договор што би бил од заемен интерес, но и како изгледа договор што би ја вовел Русија „во нова замка“.