Во Израел се презадоволни од победата на Доналд Трамп, а сега тоа е и јавно потврдено.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Доналд Трамп разговараа дури три пати откако тој победи на претседателските избори во САД минатиот вторник. Нивните разговори „беа дизајнирани за дополнително зајакнување на силниот сојуз меѓу Израел и САД“, откри Нетанјаху во неделата, додавајќи:
„Со исти очи гледаме на иранската закана во сите нејзини делови и на опасностите што таа ги претставува и можноста за ширењето на мирот и во други области“.
Како што се очекуваше, Нетанјаху ги опиша неговите разговори со Трамп во последните денови како „добри и многу важни“. Во неговиот прв мандат, помеѓу 2016 и 2020 година, Трамп еднострано се повлече од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и западните сили, а подоцна повторно воведе санкции за Техеран. Тој, исто така, нареди убиство на иранскиот командант Касем Сулејмани, кој го предводеше огранокот на силите Кудс на Иранската револуционерна гарда за странски операции, а САД одиграа важна улога во склучувањето на Абрахамскиот договор, во кој неколку арапски држави го признаа Израел. Сите овие потези беа она што го сакаат во Израел.
Љубовта меѓу Трамп и Нетанјаху беше ставена на тест откако израелскиот премиер му честиташе на тогашниот новоизбран претседател Џо Бајден за победата на американските избори во 2020 година, во време кога Трамп сè уште се обидуваше да ги поништи резултатите. Но, двајцата ги надминаа тензиите, како што се виде кога Трамп ги угости Нетанјаху и неговата сопруга во одморалиштето Мар-а-Лаго на Флорида во јули. Нетанјаху, исто така, му честиташе на Трамп во објавата на Платформата Х, веднаш по минатонеделните избори и беше еден од првите светски лидери што го повика републиканскиот кандидат.
Од своја страна, иако е целосно зад Израел, Трамп сака војните во Газа и Либан да завршат до неговата инаугурација на 20 јануари, и тоа јасно му го кажа на Нетанјаху. Тој, исто така, ја информираше администрацијата на Бајден дека очекува напредок во напорите за постигнување прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, објави во неделата Ynet News.
Но, Џо Бајден сè уште е на власт во САД, па министерот за стратегиски прашања на Нетанјаху, Рон Дермер, отпатува во Вашингтон за да се обиде да се договори со Американците за начин како да се постигне напредок во примирјето во Либан. Сепак, Дермер ќе се сретне и со Трамп и неговите соработници, што покажува дека владата на Нетанјаху не смета на неминовен крај на војната. Канцеларијата на Дермер одби да ја коментира посетата и се чини дека тој минатата недела беше во Москва во тајна посета за да види дали и како Русија ќе влијае на договорот за прекин на борбите меѓу Израел и Хезболах.
Но, фактот што Нетанјаху го назначи Јечиел Лејтер , цврст поддржувач на војната во Газа и долгогодишен поборник за населување на Евреите на Западниот Брег, што е осудено од речиси сите земји, вклучително и Америка на Бајден, кажува многу за израелската планови. Спротивно на тоа, Лајтер (роден во САД и преселен во Израел пред 40 години) постојано повикува на конечна израелска анексија на Западниот Брег од владата на Нетанјаху. И Трамп за време на неговиот прв мандат ја смени позицијата на САД дека израелските населби на окупираниот Западен Брег се нелегални според меѓународното право, а голем број водачи на доселеници рекоа дека Израел треба формално да го анектира Западниот Брег по неговиот реизбор за претседател.
Додека Нетанјаху го фокусираше своето внимание на Трамп, кабинетот на претседателот Исак Херцог соопшти дека шефот на израелската држава ќе се сретне со Џо Бајден овој вторник. Херцог е во САД, каде што ќе присуствува на годишниот генерален состанок на Еврејските федерации од Северна Америка, кој беше отворен во неделата вечерта со масовен митинг на бејзбол стадионот на Националниот парк во Вашингтон. Официјално е објавено дека Херцог нема да се сретне со Трамп или со некој од неговите соработници, но израелските медиуми забележуваат дека не се исклучени неформални средби.
Иако Израел го фаворизира Доналд Трамп, американските Евреи не делат таков ентузијазам. Според истражувањето на Фокс њуз, Камала Харис освоила 66 отсто од еврејските гласови на неодамнешните избори во САД, наспроти 32 отсто на Трамп. Во Пенсилванија, важна држава „свинг“ со повеќе од 400.000 еврејски граѓани, 75 отсто од нив гласаа за Камала Харис, а само 23 отсто за Трамп, кој сепак победи. Истражувањето исто така покажа дека клучните прашања за еврејските гласачи се иднината на демократијата и правата за абортус. Освен тоа, изразуваат приврзаност кон Израел, но и противење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поддршка за дипломатски решенија за конфликтите со Иран и Палестинците.