Министерството за внатрешни работи вечерва соопшти дека се лажни сите пријави за подметнати експлозивни направи кои денеска пристигнаа на електронските адреси на 16 училишта, неколку трговски центри и други објекти во Скопје.
-Во 19.10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и пет други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, се наведува во соопштението.
Веднаш по добиените пријави, посочуваат од МВР, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави
Според информациите на МВР, во СВР Скопје денеска било пријавено дека на електронските адреси на повеќе средни училишта, како и на МРТВ, Транспортен центар, ГТЦ, Џевахир Сити, ТЦ Ист Гејт, ТЦ Сити Мол пристигнале дојави за наводно поставени експлозивни направи. Веднаш по пријавите, преземени се мерки за безбедно евакуирање на објектите и спроведување на антитерористички проверки.