Кремљ објави дека наводното обраќање на претседателот на Русија, Владимир Путин, кое се имитувало денес на руските радио станици во регионите кои граничат со Украина, е лажно и е резултат на хакирање, објавија руските медиуми.
„Сите овие пораки се целосни лаги“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Државната медиумска агенција РИА Новости објави дека неколку радио станици го објавиле лажното обраќање на Владимир Путин.
Независните руски медиуми објавија дека во изјава за населението во регионите Ростов, Белгород и Воронеж, кои граничат со Украина, им било кажано дека силите под контрола на Киев ја преминале границата со Русија.
Беше објавено и, дека е прогласена вонредна состојба во пограничните региони и дека започнала воена мобилизација низ целата земја за руската војна со Украина и дека жителите треба да се евакуираат подлабоко во Русија.
Официјален Киев негира дека испратил војници на руска територија и тврди дека спорадичните копнени упади во изминатите три месеци, за кои Москва ја обвинува Украина, се дело на руските партизани.