Граѓаните се жалат од извршителите. Тие во анкета за Алсат велат дека за мали, минимални долгови се приморани да плаќаат огромни суми пари, што според нив е премногу и не се случува во ниту една друга земја во светот. Бараат ова да се промени што поскоро.
Минатата година до Народниот правобранител пристигнале над 300 претставки поврзани со работата на извршителите, постапката за извршување, начинот на информирање, висината на каматите или блокирањето на банкарските сметки на граѓаните. Народниот правобранител Насер Зибери како најеклатантен случај го посочи приговорот на еден граѓанин кој за долг од 10 денари бил обврзан да плати 3000 денари. Зибери оценува дека постои простор за намалување на трошоците за извршување.
„Станува збор за категорија граѓани кои економски не стојат добро, голем дел од нив се и социјални случаи, со минимални плати или минимални пензии, што значи дека трошоците за извршување за нив претставуваат сериозен товар, кој го доведува во прашање нормалното минимално живеење на граѓаните. Владата во 2022 година направи измена на тарифата на извршителите, но сметам дека има уште простор за намалување на трошоците за извршување, или за нивно рационализирање, бидејќи ако ја земете тарифата на извршителите, таму има 10 параграфи и 10 начини на пресметка на трошоците… Кога сето тоа ќе се собере, се доаѓа до сума каде што долг од 10 денари, се претвора во 3000 денари“, рече Насер Зибери, Народен правобранител.
Народниот правобранител има забелешки за формата и содржината на налогот за извршување. Тој бара да се регулира рокот за поднесување жалби, кој во моментов изнесува 48 часа, и во налогот да се наведе законската одредба врз основа на која граѓанинот може да поднесе жалба. Зибери потенцираше дека токму поради начинот на формулирање на налогот за извршување, во 90 отсто од случаите граѓаните завршуваат кај извршител со блокирани сметки.