Шпанската фудбалска лига соопшти дека ќе ги истражи најновите расистички навреди упатени кон играчот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор.
На телевизиската снимка од неделниот натпревар меѓу Мајорка и Реал (1-0) се гледа како еден од домашните навивачи му се обраќа на Винисиус со зборот „мајмун“.
Винисиус (22), исто така, беше навредуван и при фотографирањето и потпишувањето автограми за време на гостувањето во Мајорка.
Бразилскиот фудбалер е цел на континуирани навреди откако пред пет години дојде во Шпанија, кои кулминираа минатиот месец кога кукла со ликот на Винисиус беше обесена на мост во Мадрид пред градското дерби со Атлетико.
Шпанската Ла Лига соопшти дека е во координација со Мајорка за „идентификација на одговорните со цел да се преземат сите неопходни законски мерки“.