Врховниот суд на Руската Федерација во четвртокот пресуди дека ЛГБТ активистите треба да бидат етикетирани како екстремисти, поради што членовите на хомосексуалната заедница и трансродовите луѓе се плашат од апсење и кривично гонење.
Врховниот суд во четвртокот објави дека го одобрува барањето на Министерството за правда да го означи „меѓународното социјално движење ЛГБТ“ како екстремистичко и да ги забрани неговите активности.
Репортер на медиумската агенција Reuters бил присутен во судницата кога била донесена одлуката. Самото рочиште било затворено за јавноста, но на читањето на пресудата можело да присуствуваат и новинари.
Овој потег уследи по зголемените ограничувања за изразување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во Русија, вклучително и законите со кои се забранува промовирање на „нетрадиционални“ сексуални односи и забрана за правна и медицинска промена на полот.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, кој се очекува наскоро да објави дека ќе се кандидира за нов шестгодишен мандат во март, долго време се обидува да промовира имиџ на Русија како чувар на традиционалните морални вредности за разлика од декадентниот Запад.
Во говорот минатата година, тој порача дека нема проблем со тоа што Запад усвои „прилично чудни, според мое мислење, новите трендови како што се десетици полови и геј паради“, но нагласи дека Запад нема право да ги наметнува на другите земји.
Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, на новинарите пред објавувањето на судската одлука изјави дека Кремљ „не го следи“ случајот и нема коментар за него.