– Американската кошаркарска ѕвезда Леброн Џејмс овој викенд ќе биде официјален стартер на трката на спортски автомобили „24 часа Ле Ман“, која ја слави својата стогодишнина, објавија организаторите.
Кошаркарот на ЛА Лејкерс, кој е најдобриот стрелец во историјата на НБА лигата и четирикратен првак, со тоа ќе се приклучи на листата славни стартери кои во текот на изминатите децении ја извршуваа оваа церемонијална улога.
Холивудскиот актер Бред Пит официјално го означи стартот на трката во 2016 година, додека Стив Меквин го спушти француското знаме на стартот на трката во 1971 година кога глумеше во филмот „Ле Ман“.
„Чест ми е да бидам дел од овој историски момент во мотоспортот и да помогнам во прославата на стогодишнината на еден од најголемите спортски настани во светот“, изјави 38-годишниот Џејмс.
Стартот на трката „24 часа Ле Ман“ е закажан за в сабота во 16 часот по локално време.