За претстојната собраниска седница, закажана за понеделник, како дел од дневниот ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. Носење на ваков закон, во скратена постапка, без консултација со експертите и за време на летен одмор само отвора сомнежи во чиј интерес се предложените измени, велат од Левица.
„Дел од измените кои се предлагаат во новото законско решение предвидуваат бришење на обврската за обезбедување урбанистичка согласност, без да се земат во предвид последиците од укинувањето на ваквата законска обврска. Понатаму, се брише обврската од актуелниот закон за започнување на постапка за носење НОВИ урбанистички планови и документации, кои претходно не биле усогласени согласно Закон, со што владата на Мицкоски наместо да го стимулира урбанистичкото планирање, дефакто создава дополнителен урбанистички хаос. Недозволиво е делови од Републиката да немаат нови урбанистички документации, донесени согласно новите параметри.
Со оглед на тоа што урбанистичкото планирање е обврска на општините, кои со години го пролонгираат овој процес, се чини дека тенденцијата на власта на ДПМНЕ е да ги “ослободи” своите градоначалници од оваа суштинска обврска за воведување урбанистички ред и планско организирање на јавниот простор.
Поради ова, бараме од предлагачот – министерот АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ да ги повлече овие измени и да иницира широка расправа, во консултација со ескпертската јавност. Во услови кога урбанистичкиот хаос, узурпацијата на јавниот простор и дивеењето на градежната мафија се секојдневни проблеми на граѓаните, шверцување на ваквите измени во скратена постапка би значело дека оваа владаа одработува за други интереси – а, не за интересите на обичниот граѓанин“, тврдат од партијата.