Пратеникот од левицата, Борис Кермов, поднесе предлог за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, до Комисијата за избори и именувања.
Пратеничката Јована Мојсоска денес објасни дека Законот за спречување на корупцијата, во член 14, изрично предвидува дека претседателот на Антикорупциската комисија може да биде разрешен ако престанат да важат условите од член 11 од истиот закон.
„Член 11 ги содржи условите што мора да ги исполни шефицата на антикорупциската служба за да стане на чело на ДКСК. Меѓу условите во член 11 е дека не смее да ѝ биде забрането да ја врши својата професија. Во овој момент, на претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска, ѝ е забрането да ја врши својата професија, таа не е на работа повеќе од два месеци и тука ја наоѓаме законската основа во овој случај, да ја презентираме нашата иницијатива до Комисијата за прашања на изборите и именувањата“, објасни Мојсоска.
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) соопшти дека одлуката за престанок на функцијата и разрешување на претседателот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) е во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Како што е нагласено во денешното соопштение за јавноста од ДКСК, оставката како морален чин е одлука и право на претседателот на Комисијата.
„Со оглед на тоа дека во овој конкретен случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите овластувања како што е дефинирано со Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, соопшти Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 18 јули годинава, поднесе обвинителен акт против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, за која постои сомнение дека помеѓу мај и декември 2024 година, ставила на располагање на неповикано лице, обвинето во случајот „Адитив“, податоци што се сметаат за службена тајна. Во исто време, Димитровска е обвинета и за незаконско добивање сертификат за класифицирани информации.