Задржувањето на водата може да се појави преку целата година, но чувството на тешки, отечени нозе е особено честа појава во лето – и воопшто не е пријатно. Добрата вест е дека постојат неколку начини да се спречи задржувањето на водата, а еден од нив е да се избегнува храна што го влошува задржувањето на течности. Храната што ја јадеме директно влијае на рамнотежата на течностите во телото, а некои вообичаени намирници можат да го поттикнат задржувањето на водата и да го влошат отокот.
„Едем е медицински термин за оток предизвикан од насобирање течност во ткивата. Најчесто се јавува во нозете, глуждовите и стапалата, но може да ги зафати и рацете, лицето, па дури и белите дробови“, објаснува лекарката д-р Асима Ханиф за Vogue.
Покрај медицинските состојби и одредени лекови, недостатокот на вежбање или лошата циркулација исто така може да бидат причина.
,,Дури и самото седење или стоење подолг временски период, особено на топлина, може да предизвика оток“, додава таа. Според хирургот д-р Тери Дуброу, жените често се поподложни на благ едем поради хормонални промени или патување: „Тоа е начин на вашето тело да ви каже дека нешто е неурамнотежено“, истакнува тој.
Значи, според лекарите, ова е листа на храна што може да предизвика задржување на вода во телото.
Конзервирана туна
Поради солта додадена за време на преработката, конзервираната туна може да содржи висока содржина на натриум, што придонесува за задржување на водата.
Домати
Иако се богати со вода, доматите содржат хистамин, кој може да ја зголеми пропустливоста на крвните садови и да го поттикне задржувањето на течности. Нивното комбинирање со диуретичен зеленчук како краставици може да го ублажи овој ефект.
Чаден лосос
Како и конзервираната туна, пушениот лосос е богат со натриум.
,,Натриумот е најголемиот виновник за задржување на вода“, вели д-р Дуброу.
Крекери
Крекерите често се сметаат за добра замена за леб, но како преработен производ, тие можат да содржат многу сол. „Рафинираните јаглехидрати го зголемуваат нивото на инсулин и го поттикнуваат воспалението, што може да го влоши отокот“, предупредува д-р Дуброу.
Зрели сирења
Сирењата како пармезан и чедар содржат големи количини сол бидејќи влагата се губи за време на зреењето и солта станува концентрирана.
За борба против задржувањето на вода, д-р Дуброу препорачува храна богата со магнезиум и калиум – како бадеми, темно чоколадо, банани и авокадо – за да се помогне во исфрлањето на вишокот вода. Краставиците, целерот, лубеницата, лиснатиот зеленчук и интегралните житарки ја подобруваат циркулацијата, додека бобинките, лукот, кромидот и ѓумбирот го намалуваат воспалението.
„Пиењето вода им помага на бубрезите и спречува задржување на течности“, додава д-р Ханиф, а д-р Дуброу препорачува и зелен чај и вода со лимон за природна детоксикација.
Покрај внимателниот избор на храна, вежбањето е исто така важно.
„Физичката активност е клучна. Дури и лесна прошетка може да ви помогне да го исфрлите вишокот течности од нозете“, вели д-р Ханиф.
Ако седите многу, кревајте ги нозете секогаш кога можете. Конечно, важно е да го слушате вашето тело – ако отокот не исчезне или е придружен со нагло зголемување на телесната тежина, најдобро е да се консултирате со лекар.