Лекарите предупредуваат на невообичаени знаци на дијабетес кои лесно може да се занемарат

Дијабетесот тип 2 е сериозна здравствена состојба која може да предизвика многу компликации доколку не се препознае и лекува навреме. Еден од помалку познатите симптоми може да се појави во стапалата бидејќи високото ниво на шеќер во крвта може да предизвика оштетување на нервите и крвните садови. Експертите од Diabetes UK нагласуваат дека раното препознавање на знаците може да спречи посериозни последици.

Значи, високото ниво на шеќер во крвта може да ги оштети малите крвни садови кои ги снабдуваат нервите на стапалата, што доведува до симптоми кои лесно се занемаруваат – вкочанетост, болка и губење на чувството во стапалата.

„Доколку нервите во стапалата се оштетени, може да се појави периферна невропатија, што значи дека губите чувство во стапалата и може да се повредите без да го сфатите тоа“, предупредуваат лекарите и експертите од Дијабетес Велика Британија, пренесува Дејли експрес.

Покрај тоа, оштетувањето на крвните садови може да предизвика намален проток на крв, што го отежнува заздравувањето на раните и може да предизвика грчеви, болка или оток. Дури и мали исеченици или рани кои не зараснуваат може да доведат до инфекции и посериозни компликации.

„Разликата од неколку часа може да биде клучот помеѓу губењето и одржувањето на стапалата“, забележуваат експертите, нагласувајќи ја важноста од редовните прегледи на стапалата.

Дијабетесот може да предизвика и промени во прстите, како „чекан“ прсти, како и задебелување на кожата или појава на шипки. Покрај овие симптоми, дијабетесот може да се манифестира и преку интензивна жед, често мокрење, заматен вид, чешање и губење на тежината.

Доколку забележите некој од овие знаци, веднаш контактирајте го вашиот лекар за навремено лекување и спречување на компликации.