Лекарите: Ќе се намали бројот на пациенти погодени од вируси по снежните врнежи

Снежните врнежи се очекува да го намалат бројот на пациенти со грип, кој во последно време е раширен. Лекарите велат дека снежните врнежи го подобрија квалитетот на воздухот, што влијаеше кај пациентите, особено кај оние со белодробни заболувања, а лекарите очекуваат да се намали бројот на пациенти со сезонска вироза.

„Воздухот до пред неколку дена беше многу загаден и имавме пациенти со малку поголем интензитет на симптоми, особено тешко дишење и сега кога врне снег, се очекува симптомите да бидат поблаги и грипот да има пресврт, бидејќи свежиот воздух го намалува интензитетот на вирусот и неговото ширење“, рече Шпејтим Реџепи, матичен лекар.

Во изминатиот период, д-р Реџепи вели дека имало многу посети и контроли на пациенти заболени од грип, а најчесто биле стари лица и деца, на кои им требало период од 5 дена до две недели за опоравување.

„Бројот на пациенти е зголемен во овој период. Имавме многу посети и многу прегледи од пациенти кои имаат симптоми на сезонски грип. Присутни се кај сите возрасти, но посебен акцент се става на постарите и малите деца “, додаде тој.

Најчести симптоми се висока температура, болки во грлото, треска, губење на апетит, болки во зглобовите и тешко дишење. Лекарите повикуваат на зголемена претпазливост, граѓаните да избегнуваат непотребни излегувања и групирања, да консумираат храна и течности богати со витамини и да носат соодветна облека заради ладното време.