„Да не се ставаат сите доктори во ист кош“. Вака реагираат од Лекарската комора, во врска со вчерашниот протест, на кој граѓаните го изразија своето незадоволство и револт поради скандалот што ја тресе Клиниката за онкологија. Од лекарската комора велат дека го почитуваат правото на протест на граѓаните, но ги осудија обидите од вчера, сите доктори, како што рекоа, да ги етикетираат како виновници за последните случувања во здравствениот систем.
„Лекарската комора го почитува правото на протест на сите граѓани, но изразува силно несогласување и ги осудува обидите на вчерашниот протест сите доктори да се стават во ист кош и да се етикетираат како виновници за последните случувања во здравствениот сектор нарекувајќи ги “убијци” и повикува тоа веднаш да престане, бидејќи така засилено се поткопува довербата меѓу лекарот и пациентот што е клучна за што поповолен исход на лекувањето.
Комората уште во саботата реагираше во однос на изнесените сомнежи за злоупотреби на Клиниката за онкологија и радиотерапија, кои ги оцени како вознемирувачки и побара што побрзо расветлување на настаните и дознавање на вистината.
Повторуваме дека ниту еден пациент не смее да биде оставен без терапијата која му следува и во никој случај не смеат да се дозволат манипулации со цел остварување на материјална корист од страна на поединци. Доколку во законските постапки коишто ги водат надлежните институции се докаже дека одредени лекари биле вклучени во злоупотреби на онколошка терапија, со што нанеле штета на здравјето на пациентите, органите на Комората без одлагање по добивање на релевантен доказ или судски пресуди ќе постапат во рамките на своите надлежности за санкционирање и ќе изречат максимални санкции“, стои во реакцијата на ЛК.
„Изразуваме длабоко жалење за загубите на пациентите и членовите на нивните семејства кои ја изгубиле битката во борбата со канцерот, но апелираме, додека трае процесот да не се создава масовна паника и да не се генерализира дека сè во здравството не е добро и дека сите лекари ги манипулираат своите пациенти, бидејќи тоа не е точно и е на штета на пациентите. Најголем дел од докторите во нашата држава секојдневно, професионално, одговорно и чесно ги лекуваат пациентите и се обидуваат да им пружат максимално ниво на квалитет на здравствена заштита, согласно условите во кои работат. Трудот на овие професионалци треба да се вреднува и почитува и тие не треба да се поистоветуваат со поединци кои постапувале поинаку од она што го налага медицинската етика и медицинските протоколи“, додаваат оттаму.