Од новата академска 2023/2024 година повторно ќе функционира Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.
Тоа е резултат на заедничките заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана.Деканатот на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, претставен од деканката, проф. д-р Есмералда Кромида, позитивно одговори на барањето за повторно отворање на Лекторатот до нив го испрати Македонското друштво „Илинден“ преку неговиот претседател, Никола Ѓурѓај.
Инаку, иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана.
По заложбите на МСМЈЛК при УКИМ и остварените дипломатски залагања, остварувањето на иницијативатата се засили на средбата во мај во Тирана кога е потврдена взаемна подготвеност не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката.
Тоа отвара можности за брз развој на Лекторатот и постепено создавање услови на Факултетот за странски јазици во Тирана да има и посебен студиум по македонистика.
Со неговото отворање се остварува една од клучните, стратегиски цели на МСМЈЛК при УКИМ за оваа, 2023 година.
Претходно, МСМЈЛК при УКИМ, на Факултетот за странски јазици во Тирана му подари повеќе изданија – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе почна да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот. Веќе се создаваат сите услови за непречено одвивање настава и забрзан развој на Лекторатот, што ќе може да започне по спроведување на постапка за избор на лектор.
Интересот за изучување на македонскиот јазик во Тирана е голем, како кај македонското малцинство, така и воопшто во албанското општество, меѓу новите генерации филолози.
Лекторатот по македонски јазик ќе биде клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.
Во својата објава за добиениот официјален допис, Македонското друштво „Илинден“ од Тирана ги истакнува залагањата и поддршката од УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик, во комуникација и соработка со колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици.