Леонардо да Винчи ги нацртал пред повеќе од 500 години: Науката дури сега ја разбира нивната намена

Повеќе од 500 години откако 
Леонардо да Винчи првпат ги нацрта, научниците конечно открија за што служат трабекулите – сложените, разгранети мускулни нишки во човечкото срце.

Користејќи фрактална анализа, современи МРИ скенери и генетски податоци собрани од повеќе од 18.000 испитаници од британската биобанка, истражувачите откриле дека трабекулите значително влијаат на работата на срцето и можат да го одредат ризикот од развој на кардиоваскуларни заболувања, објавува списанието „Nature“ .

Овие необични, „меки“ структури со разгранети корени, кои Да Винчи ги забележал уште во 16 век, со векови се мистерија за модерната наука. Ренесансниот гениј претпоставил дека тие помагаат во циркулацијата и зачувувањето на топлината во срцето, слично како што се загреваат патиштата денес за да се спречи замрзнување.

Современите истражувања, комбинирајќи биомеханички симулации, клинички податоци и генетски анализи, покажаа дека обликот и распоредот на трабекулите директно влијаат врз функцијата на срцето. Утврдено е дека одредени морфолошки карактеристики на трабекулите го зголемуваат или намалуваат ризикот од срцеви заболувања.

– Внатрешноста на човечкото срце е покриена со сложена мрежа од мускулни влакна за кои досега се веруваше дека се остатоци од ембрионалниот развој. Нивната функција кај возрасните и нивната генетска основа досега беа непознати – велат научниците.

Анализата, исто така, откри 16 клучни локуси во геномот поврзани со формирањето на трабекулите и регулирањето на нивното разгранување, процес познат како арборизација, кој наликува на разгранување на дрво. Овие наоди би можеле да помогнат и во разбирањето на развојот и функцијата на другите клетки во телото.

– Само преку комбинација од генетика, клинички истражувања и биоинженеринг успеавме да ја откриеме неочекуваната улога на трабекулите во работата на возрасното срце – изјави истражувачката Хана Мајер.

Авторите на студијата нагласуваат дека ова е само почеток – трабекулите, кои ги снимил Леонардо да Винчи пред половина милениум, сè уште кријат бројни тајни што научниците сакаат да ги откријат.