Откако здруженијата на ветерани во Крка побараа настапот на Лепа Брена во клуб на овој остров да биде откажан, „Вечерњи лист“ објави соопштение од пејачката во кое таа вели дека и покрај сè, со нетрпение очекува да дојде во Хрватска.
Имено, Лепа Брена има закажано два концерта – на 18 и 19 јули – во најголемиот клуб на отворено на Јадранот – клубот „Дајмонд“ на Крк. Во соопштението објавено од „ Вечерњи лист“ , таа не се осврна на повиците за откажување на нејзиниот настап.
„Секогаш доаѓам во Хрватска со големо возбудување, а концертите во летните ноќи имаат посебна магија. Неописливо се радувам на враќањето во Крк. Благодарност до публиката што ме носеше и ме прегрнуваше преку песните толку години. Подготвуваме шоу полно со емоции, енергија и изненадувања. Се гледаме во Дајмонд, ќе пееме на највисоко ниво и ќе создадеме спомени што ќе траат цел живот“, рече Лепа Брена.
Здруженијата на бранителите на островот Крк изјавија дека, доколку ѝ биде дозволено да пее, ќе одржат протести и ќе преземат „други мерки“ за да спречат ова да се случи.
„Здруженијата на бранителите на островот Крк остро го осудуваат јавниот настап на српската фолк пејачка Фахрета Јахиќ Живојиновиќ, попозната на сцената како Лепа Брена. Имено, за време на ужасите и страдањата од војната во Босна и Херцеговина, против муслиманскиот и хрватскиот народ, таа јавно настапи во униформа на српските терористички вооружени сили, кои палеа, ограбуваа, прогонуваа, окупираа градови и села, а од територијата на Босна и Херцеговина, секојдневно ги бомбардираа градовите Жупања, Славонски Брод и други погранични градови во Република Хрватска со Босна и Херцеговина со топови и тенковски гранати, при што убиваа голем број граѓани на Република Хрватска, вклучително и деца“, изјавија тие, како што објави fiuman.hr.
Тие исто така изјавија дека „носејќи ја униформата на криминалната српска армија и давајќи поддршка на фронтовските линии, таа активно учествувала во поддршката на прогонот, убивањето и силувањето на несрпското население“.
Освен Лепа Брена, неодамна беше критикуван и Бајага, а два негови концерти во Хрватска беа откажани по притисок од здружението на воени ветерани, кое го сметаше за политички непожелен.