Летен одмор во Грција!? Цените на апартманите стигнаа како цените за аранжманите за хотелско сместување

Сопствениците на станови во Грција во просек ги покачиле цените за најмалку 30 отсто во однос на минатата година. Така, киријата по лице за 10 дена на Тасос ќе ce плаќа дури по 549 евра во екот на сезоната – од средината на јули до крајот на август.

Ниту Халкидики не е многу поевтин, па за аранжман на Сарти, кој се наоѓа на таканаречениот трет прст на полуостровот Ситонија, десет ноќевања во апартман кој е на 200 метри од плажата ќе треба да одвоите 550 евра, доколку дојдете на одмор со автобус.

Доколку се одлучите да патувате до море со сопствен превоз, аранжманот ќе ве чини 30 евра помалку. Исто така, се работи за цената по лице.

Судејќи според достапните ценовници на агенциите, моменталната состојба покажува дека одморот во апартмани речиси ја достигна цената на хотелското сместување во Грција, но и во другите летни дестинации како Египет или Црна Гора.

Како што рекоа во позната туристичка агенција, цените се нешто повисоки во однос на лани, а како што велат тоа и било очекувано. Сепак, и покрај поскапувањето, интересот е голем.

-Постојано ни ѕвонат телефоните. Најзаинтересирани за летување се семејствата со мали деца. Тие се заинтересирани да плаќаат на рати и други поволности. Цените се малку повисоки, но остануваат уште неколку места за мај и јуни. За тој период цените се нешто пониски, бидејќи се рачуна како претсезона – рекоа во оваа агенција.

Оние кои ќе се решат да летуваат во некој од апартманите или студијата на омилената дестинација на Македонците, Грција, покрај сместувањето кое значително поскапе, мора со себе да понесат и добар џепарлак бидејќи цените на храната се веќе малку поскапи во однос на минатата година.

Според туристичките агенции, цените во Грција се очекувани. Според нив, тие се формираат исклучиво врз основа на сместувачката категоризација.

– Цените зависат од тоа каде се наоѓа станот, како и од неговата состојба. Секако дека поскапеа сè и сешто поради моменталната состојба која е присутна насекаде во светот. Ако се земе предвид дека цената на просечното сместување по лице е 40 евра, на тоа додадете и 100 евра за повратен автобуски билет, доаѓате до јасна пресметка, во зависност од бројот на ноќевања.