Лефков: Ќе се финансира спомен-обележје за жртвите од пожарот во Кочани

Средства за изработка на концептуален проект и почеток на активности за изградба на спомен-обележје за загинатите во пожарот во Кочани треба да се обезбедат со Предлог-одлуката за прераспределба на средствата помеѓу корисниците на буџетот на централната влада и помеѓу средствата за 2025 година, која денес доби поддршка од надлежната собраниска комисија. Предложената прераспределба на буџетските средства ќе обезбеди 600 милиони денари за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, како и 242,3 милиони денари за плаќања кон друштвата за социјално осигурување врз основа на враќање на платени придонеси.

Предлог-одлуката доби поддршка без дебата во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии членови, на предлог на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, исто така поддржаа амандман за вклучување средства за спомен-обележјето.

Лефков, образложувајќи го амандманот, рече дека одлуката е донесена во координација со семејствата на жртвите од пожарот од 16 март годинава, во кој 62 лица ги загубија животите, а околу 200 беа повредени, и доаѓа, како што рече, од нивната и нашата заедничка желба барем дел од болката да се претвори во достоинствено сеќавање, а трагедијата никогаш да не се повтори.

„Сакаме да оддадеме почит, но и да оставиме траен белег што ќе повикува на одговорност и безбедност за идните генерации. Барањето е овој споменик да биде поставен во централното подрачје на градот, каде што ќе биде видлив како живо сеќавање, но и како предупредување. Ова не е момент за политика, барам поддршка од сите, ова е момент за единство, почит и сеќавање“, рече Лефков.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, образложувајќи ја Предлог-одлуката, објави дека пренаменува средства во вредност од приближно 600 милиони денари наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, согласно објавениот повик и критериумите утврдени од надлежните министерства.

„Поддршката за локалниот развој преку проекти во општините ќе има позитивно влијание врз економската активност, развојот во општините и зголемувањето на квалитетот на живот на граѓаните“, рече Јанкуловски.

Тој најави дека со Предлог-одлуката се пренаменуваат 242,64 милиони денари од Министерството за економија и труд во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ќе се користат за исплати на друштвата за социјално осигурување врз основа на поврат на платени придонеси.

Со предлог-одлуката се намалуваат средствата од Владината потпрограма Д5 – Привлекување странски директни инвестиции и развој на слободната економска зона, односно ставка – Разни трансфери за 583.601.000 денари, а од Министерството за економија и труд, во потпрограма 60 – Развој на политики во областа на трудовото право, социјалната заштита и вработувањето, ставка 464 – Разни трансфери за 242.264.000 денари. Исто така, се предлага зголемување на средствата во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во потпрограма 50 – Заштитни бенефиции.